ШТО Е ОТВОРЕН ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД?
Отворен инвестициски фонд претставува посебен имот, без својство на правно лице, чии сопственици на удели имаат право на сразмерен дел во добивката во фондот и право да бараат откуп на удели.
ШТО Е ПРОСПЕКТ НА ФОНДОТ?
Проспект на Фондот е документ во кој подетално се дефинираат прашања поврзани со инвестицискиот фонд. Пред да стане сопственик на удел во Фондот, инвеститорот е должен да се запознае со содржината на Проспектот и врз таа основа да ја донесе својата инвестициска одлука.
КОЈ МОЖЕ ДА ВЛОЖУВА ВО ОТВОРЕН ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД?
Отворен инвестициски фонд е наменет за сите домашни и странски, физички и правни лица.
КОЈ ГО КОНТРОЛИРА РАБОТЕЊЕТО НА ИНВЕСТИЦИСКИТЕ ФОНДОВИ?
Работењето на инвестицискиот фонд е регулирано со Законот за инвестициски фондови и е под надзор на Комисијата за хартии од вредност.
Комисијата за хартии од вредност врши надзор над работата на инвестициски фондови.
Надзор над сметката на инвестицискиот фонд врши Депозитарната банка. Тоа е банка која ја врши работата за водењето на сметките на хартии од вредност за сметка на клиентите и постапува по налог на клиентите.
Депозитарна банка на Отворениот инвестициски фонд ИНОВО СТАТУС АКЦИИ е НЛБ Тутунска банка АД Скопје.
ЗА ШТО СЛУЖИ И КАКО СЕ ПРЕСМЕТУВА ВРЕДНОСТ НА УДЕЛ?
Кога инвеститорот ќе вложи одредени средства во Фондот, тој всушност купува одреден број на удели. Тој број на удели се добива кога износот на вложувањето (намалено за влезната провизија) ќе се подели со вредноста на уделот на денот на уплатата. На основа на бројот на удели кои ги поседува, инвеститорот може секој ден да ја пресмета вредноста на својот влог во фондот како производ помеѓу дневната вредност на уделот и бројот на удели кои ги поседува.
Кога инвеститорот ќе посака да ги продаде дел или сите удели од Фондот, тоа го прави преку продажба на уделите на Друштвото кое управува со инвестициските фондот. Средствата кои ќе бидат исплатени на инвеститорот најдоцна во рок од пет дена.
ШТО Е НЕТО ВРЕДНОСТ НА ФОНДОТ?
Нето вредноста на имотот на Фондот се утврдува како разлика помеѓу вкупната вредност на имотот на Фондот (вредноста на финансиските инструменти во кои се вложени средствата на Фондот) и вредноста на вкупните обврски на Фондот.
Пресметувањето на нето вредноста на имотот на Фондот се врши согласно со Правилникот за пресметување на нето вредност на имотот на Фондот, донесен од страна на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.
Нето вредност на имотот на Фондот се пресметува за секој ден од годината и се искажува во денари и во евра по среден курс на Народна Банка на Република Македонија за денот за кој се врши пресметувањето.
ДАЛИ ПОСТОИ МИНИМАЛЕН ВЛОГ ПРИ КУПУВАЊЕ НА УДЕЛ ВО ИНОВО СТАТУС АКЦИИ ИНВЕСТИЦИСКИОТ ФОНД?
Минималната уплата во Фондот за поединечно вложување не може да биде помала од 1000 МКД. Почетна вредност на еден удел изнесува 100,00 денари.
КОИ СЕ ПРЕДНОСТИТЕ ОД ВЛОЖУВАЊЕ ВО ОТВОРЕНИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД?
- За инвестирање не ви се потребни големи парични средства
-
Можете да вложувате секој ден, секој месец...
-
Имате можност од секојдневно следење на имотот
-
Преку вложување на вашите средства во инвестициските фондови овозможен Ви е едноставен пристап до пазарот на капитал;
-
При вложувањето во Фондот Ви се потребни помали сердства од самостојното вложување
-
Со вашите средства управуваат овластени стручни лица, портфолио менаџери, додека за успешно индивидуално вложување морате да бидете одличен познавач на финансискиот пазар и активен учесник во динамичнното движење на пазарот
-
Со вложување во голем број на хартии од вредност, портфолио менаџерот го диверзифицира портфолиото и со тоа го намалува ризикот на вложувањето;
-
Предност на вложувањето во инвестициски фондови е што во секој момент може да си ги повлечете вашите средства (ликвидност)
-
Приносот кој може да го остварите преку вложување во инвестициски фонд е обично повисок отколку приносот кој би можеле да го добиете во некој од конвенционалните начини на штедење (во банка или со посредство на брокер)
-
Трошоците на трансакциите при купување/продавање на хартии од вредност се помали за Фондот отколку за индивидуалните вложувачи бидејќи големината на Фондот е неспоредливо поголема.
-
Реинвестирање на добивката.
ВО ШТО МОЖЕ ДА СЕ ВЛОЖУВААТ СРЕДСТВАТА НА ИНВЕСТИЦИСКИОТ ФОНД?
Друштвото за управување со инвестициски фондови согласно Законот за инвестициски фондови ги вложува средствата на Фондот во различни финансиски инструменти: акции, долгорочни и краткорочни должнички хартии од вредност, финансиски деривати и депозити. Во законот се пропишани и поединечни лимити, односно лимити по инструмент, по издавач и сл.
ДАЛИ ДОБИВКАТА НА ФОНДОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ЗАГАРАНТИРАНА?
Гарантирање на добивка на Фондот не постои и претходното работење на Фондот не е гаранција за понатамошните идни резултати. Ризик при вложувањето во инвестициски фонд постои, а во зависност од тоа колку сте спремни да ризикувате. Мерило за успешноста на работењето на Фондот е растот на вредноста на уделот. Вредноста на уделот се менува во зависност од промената на вредноста на хартиите од вредност кои го сочинуваат портфолиото на Фондот.
КАКОВ Е ДАНОЧНИОТ ТРЕТМАН НА ФОНДОТ?
Фондот нема својство на правно лице, врз основа на што, добивката од инвестирање на средствата на фондот во финансиски инструменти не се оданочува.
Домашните и странски, физички и правни лица, се должни сами да си ја подмират даночната обврска, како и да ги извршат сите потребни административни активности поврзани со регулирање на даночната обврска.
При откуп на уделите инвеститорот е должен да плати данок на капитална добивка во износ од 10% на основица од 70% на разликата по која се продадени и купени уделите.
КОИ ВИДОВИ НА ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ ПОСТОЈАТ?
Постојат три основни видови на инвестициски фондови и тоа:
-
ОТВОРЕНИТЕ фондови работат на принцип на прибирање на парични средства по пат на продавање на удели и откуп на истите на барање на сопствениците на удел на Фондот. Бројот на сопствениците на удели во фондот и вредноста на имотот не е ограничена и постојано се менува. Цел на инвестициониот фонд е зачувување на вредноста на имотот преку остварување на висока стапка на принос на долг временски период инвестирајќи ги средствата на домашниот и на странските пазари за хартии од вредност, односно зголемување на приходот во однос на приходот од орочено штедење, приход на паричните фондови или на оние кои вложуваат во обрзници.
-
ЗАТВОРЕНИОТ фонд прибира парични средства по пат на јавна понуда и има ограничен број на акции. Затворените фондови не вршат откуп на акции од своите членови туку тие мораат да ги продадат на секундарните берзански или вонберзански пазари. Покрај хартиите од вредности во кои вложуваат отворените фондови, затворените фондови можат да вложуваат во недвижнини и трговски друштва со кои не се тргува на организараниот пазар, што ги прави поризични од отворените фондови.
-
ПРИВАТНИТЕ фондови се организираат како друштва со ограничена одговорност. Наменети се за искусните инвеститори со минимален влог кој изнесува 50.000 евра и максимален број од 20 инвеститори.
Фондот ИНОВО СТАТУС АКЦИИ е Отворен инвестициски фонд кој ќе вложува претежно во акции.